Тетово планира да ја даде водата под концесија – граѓаните може да плаќаат повеќе за приватно водоснабдување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Под слоганот „Дигитална трансформација на водомерите во Тетово“, општината планира дистрибуцијата на водата за пиење да ја даде на концесија на приватна компанија. За тоа, пред граѓаните говореа експерти, кои рекоа дека само така може да се излезе од сегашната состојба.

Ако се реализира ова, тетовци ќе мора сами да ги плаќаат водомерите, ќе плаќаат поскапи сметки, а ако не платат, ќе бидат упатувани кон извршител. Градоначалникоот на општината, Билал Касами, изјави дека приватен оператор може подобро да ја менаџира наплатата на сметките.

„На граѓаните кои ги плаќаат сметките за вода, гарантирам дека ќе плаќаат помалку и ќе имаат редовно снабдување со вода. Во овој случај, ќе бидат санкционирани неодговорните граѓани кои сакаат вода, но не сакаат да платат.“, рече Касами.

Елмедина Абдулахи, Од иницијативата „Подобро за Тетово“, изјави дека градоначалникот на општината, и директорот на претпријатието „Шарри“, покажале дека се неспособни за менаџирање на претпријатието.

„Тие признаа дека немаат капацитет сами да го менаџираат, па бараат помош од приватно претпријатие кое е во рамките на општината. Тоа пак, повторно паѓа на товар на граѓаните. Снабдувањето со вода не е за продажба, сите треба да плаќаме, но решението што оди на штета на граѓаните е неприфатливо, исто како што беше со отпадот.“, изјави Абдулахи.

Советникот на АКИ, Берат Мурати, рече дека ќе го анализираат предлогот, но не очекува дека ќе биде поддржан.

„Колку што гледам, овој проект оди кон приватизација, а самиот претседател спомена дека тука станува збор само за приватизација на водомерите, бидејќи во нашиот град нема лица кои се занимаваат со овој професионален сегмент.“, вели Мурати.

Општина Тетово под водство на Касами досега под концесија го даде и управувањето и менаџирањето со отпадот, но и јавното осветлување, а исто така се организираа јавни дебати за концесија на паркирањето во градот, базенот, како и за изградба на објект близу општината во Тетово.