Тетовската болница останува со стари лифтови – Меџити ја виде состојбата од близу, за малку ќе настрадаше директорот на фондот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Клиничката болница во Тетово и натаму функционира со стари лифтови. Министерот за здравство денеска беше тука и се качи во едниот од нив.

-Имате храброст да се качите?
-Да, ајде.

И откако се качија на третиот кат, на излегување за малку вратата ќе го удреше директорот на фондот Асаф Абдураман.

Директорот на болницата, вината за ова ја префрла кај Министерството за здравство.

„Тендерот за лифтови како обврска ја презеде МЗ и постапката за тендерот е во тек, и по завршување на бирократските процедури за тендерот, болницата ќе се опреми со пет нови лифтови“, вели Илир Демири.

Додека пак министерот за здравство прстот го вперува до комисијата за јавни набавки.

„Комисијата која е надлежна за јавните набавки еднаш отфрли тендери за лифтови, со што ја откажавме оваа постапка и направивме нова постапка. Но, очигледно ова станува секојдневна практика. Не е прв пат оваа комисија за јавни набавки да го прави ова. Ова ни се случува по втор пат“, Фатмир Меџити.

За овој кат првично беа ветени седум лифтови, два да ги постави самата болница и уште пет да обезбеди министерството, но досега ништо не е преземено.

Инаку, министерот за здравство и директорот на клиничката болница во Тетово, денеска свечено го започнаа реновирањето на одделението во објектот за интернистички болести и гинеколошкото одделение.