Тодор Анѓушев на трибината на МАКО СИГРЕ: Батериските системи се следниот голем чекор во енергетиката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новото клучно прашање во енергетскиот сектор е каде и како ќе се складира произведената електрична енергија од обновливи извори, изјави Тодор Анѓушев, управител на ЕМС во рамките на ФЕРО ИНВЕСТ, на стручната трибина „Складирање на електрична енергија и интеграција на производство од обновливи извори – Предизвици и решенија“, организирана од МАКО СИГРЕ на ФЕИТ во Скопје.

Тодор Анѓушев нагласи дека без батериски системи е невозможно целосно да се искористи потенцијалот на обновливите извори на енергија, но дека поставувањето батериски систем е многу посложено од градење сончева електрана.

,,Батериските системи се сложен енергетски објект, кој треба правилно да се проектира, софтверски да се интегрира, да се усогласи со мрежните правила, регулативите и пазарните механизми, и најважно-дневно да се управува“, – истакна Анѓушев, кој нагласи дека е многу важно инвеститорите да проценат кој ќе им го инсталира батерискиот систем, кој ќе се грижи за истиот, кој дневно ќе го програмира за полнење и празнење и конечно, кој ќе им ја откупува произведената и складирана електрична енергија.

Тодор Анѓушев даде конкретен пример преку батериските системи на ФЕРО ИНВЕСТ кои се веќе реално поставени, поврзани на мрежа, стекнати со сите дозволи, и веќе подолг период работат и се дел од комерцијална експлоатација без никаква техничка или административна пречка.

ФЕРОИ НВЕСТ во 2025г. го изведе првиот батериски систем во Македонија кој беше поставен на сопствена електрана, и кој според новите законски одредби, единствен имаше градежна дозвола, согласност за приклучок на мрежа и лиценца за складирање електрична енергија.

ФЕРО ИНВЕСТ досега учествуваше во изведување на над 250 MWh (мегаватчаса) батериски системи за сопствените електрани и за електрани на клиенти.

Во реализација се уште околу 70 MWh батерии.

На панел-дискусијата на ФЕИТ учествуваа и претставници од клучните институции и компании во енергетскиот сектор: Електродистрибуција, МЕПСО, МЕМО, ФЕРО ИНВЕСТ и Интебако.

На дебатата се потенцира дека батеријата овозможува електричната енергија да се складира во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и да се користи или продава во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката на енергија и пазарните цени се драстично повисоки.

На овој начин батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот.