Тортевски: Крајно време е за постапки – Тасева: На случаите како со Рашковски треба да се обрне внимание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Добро што Основното јавно обвинителство решило да отвори постапка по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, лиј автор е Драги Рашковски- вели Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ во дебатниот магазин „Click Plus“.  На случаите како со екс генералниот секретар на Владата треба да се обрне внимание порача таа.

„За сите тие настани кои што треба да се третираат од аспект на Кривично-правен настан треба да се обрне внимание, да се посочи дека има некакво сомневање, кое што прво може да биде сомневање па да се издигне на повисоко ниво на основа или основано за да понатаму се оцени дали ќе се води постапка“, вели Тасева.

Крајно време е нашите официјални органи да покренат постапка – рече адвокатот Александар Тортевски. Според него случајот со софтверот е сериозна индиција за отпочнување на постапка од страна на Основното јавно обвинителство на Драги Рашковски. Но, потсети и дека една од обврските и на медиумите е да ги следат ваквите случаи, а истражувачкото новинарство е сериозен фактор во борбата против криминалот и корупцијата во цел свет.

 .„Ако се додаде на тоа дека автор на софтверот е Драги Рашковски, кој што подоцна успеал некако да му го продаде на МВР, односно да го набави за потребите на МВР, а од таму викаат дека не им е потребен, тоа е сериозна индиција за ОЈО да покрене постапка и многу е добро што ја покренува по допрен глас“, посочи Тортевски во дебатниот магазин „Click Plus“.

Антикорупционерите ќе ја истражуваат набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој уште лани во февруари го купил Генералниот секретаријат на Владата тогаш предводен од Драги Рашковски. МВР не знае за набавката и не планира да ја користи. Рашковски, демантира дека патентирал софтвер за следење на сообраќајни прекршоци, кој потоа Генералниот секретаријат на Владата го купил. Тврди дека патентирал само идеја. Предмет за ова отвори и обвинителството.