Трамп најави златна ера за САД – повеќе од пет милиони гласови предност од Камала

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп по четиригодишна пауза се враќа назад во Белата куќа. Тој прогласи победа и се најави како 47-ми претседател на државата. Во првото обраќање откако станаа познати најголемиот дел од изборните резултати Трамп вети дека ќе ја направи Америка просперитетна и побезбедно место за живеење.

„Ова навистина ќе биде златната ера на Америка. Тоа мораме да го направиме. Ова е величествена победа на американскиот народ, која ќе ни овозможи да ја направиме Америка повторно голема.“, вели Доналд Трамп.

Трамп ги надмина неопходните 270 т.н. електорални гласови од сојузните држави, а на ниво на САД има повеќе од пет милиони гласови разлика од опонентката Камала Харис. Трамп кажа дека успеал околу него да обедини и Латиноамериканците, Афроамериканците, муслиманите и Азијците. Воедно, му се заблагодари и на кандидатот за потпретседател на САД, Џеј Ванс.

„Нѐ гласаа сите. И беше прекрасно. Ова беше историско престројување, со обединување на граѓаните од различни потекла околу заедничкото јадро на здравиот разум.“, вели Доналд Трамп.

„Ви благодарам за довербата што ми ја укажавте. Мислам дека го постигнавме најголемиот политички камбек во историјата на САД“, порача Џеј Ванс.

Советникот на актуелната потпретседателка на САД и кандидатка на Демократите, Камала Харис најави дека таа ќе се обрати откако ќе се пребројат сите гласови.

„Се уште имаме гласови за пребројување. Се уште имаме сојузни држави од кои немаме гласови. Ќе продолжиме во текот на ноќта да се бориме за да бидеме сигурни дека секој глас е преброен, дека сечиј глас е слушнат“, вели Кедрик Ричмонд

Првичните резултати симпатизерите на Камала ги дочекаа со солзи. Откако резултатите ќе бидат финални, се очекува традиционално инаугурацијата на новиот претседател да се закаже за 20-ти јануари.