Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека нема тековни разговори со иранските претставници и дека тој „не нуди ништо“ на таа земја и ги повтори своите тврдења дека иранските нуклеарни објекти биле „целосно уништени“ во американските воздушни напади.
„Кажете му на лажниот демократски сенатор Крис Кунс дека не му нудам ништо на Иран, за разлика од поранешниот американски претседател Барак Обама, кој им плати милијарди долари како дел од глупавиот „пат кон нуклеарно оружје“ кој сега би истекол!, ниту пак разговарам со нив бидејќи целосно ги уништивме нивните нуклеарни објекти“, напиша Трамп на својот профил на платформата Truth Social.
Претходно, водечкиот демократ во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, Крис Кунс, рече дека е прерано да се направи конечна проценка на штетата предизвикана од американските воздушни напади врз програмата за збогатување ураниум на Иран.
