Трамп воведува санкции за Меѓународниот кривичен суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд поради таргетирање на истраги против САД и нивните сојузници, како што е Израел, изјави неименуван претставник на Белата куќа.

Оваа регулатива ќе вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во истраги против американски државјани или сојузници на САД, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на истиот извор.

Потегот на Трамп доаѓа откако минатата недела демократите во американскиот Сенат ја блокираа републиканската иницијатива за санкционирање на Меѓународниот кривичен суд, што беше одговор на издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради воената кампања во Појасот Газа.

Меѓународниот кривичен суд веќе презеде мерки за заштита на персоналот од можни американски санкции, како што е исплата на плати три месеци однапред, како подготовка за финансиски ограничувања кои би можеле да ја парализираат нивната работа, изјавија претходно за Ројтерс извори од Ројтерс.

Ова е втор пат Меѓународниот кривичен суд да се соочи со американски санкции за своите активности, бидејќи за време на првиот мандат на Трамп во 2020 година, Вашингтон воведе санкции за тогашната обвинителка Фату Бенсуда и една од нејзините најблиски соработници за истрага на наводните воени злосторства од американски војници во Авганистан.

Меѓународниот кривичен суд има 125 членови и е постојана институција која може да гони поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и агресија на територијата на земјите-членки или од нивните државјани.

САД, Кина, Русија и Израел не се членови на овој суд.