Американскиот претседател Доналд Трамп го прослави 100-от ден од својот втор мандат со предизборен митинг во Мичиген, за време на кој му се потсмеваше на Џо Бајден во 90-минутен говор, лажно тврдеше дека ги добил изборите во 2020 година и ја бранеше одлуката за воведување царини.
„Ништо нема да ме запре“, рече Трамп.
Зборувајќи пред електронски екрани со натпис „100 дена големина“, Трамп ги нападна „радикалните левичарски лудаци“, накратко се соочи со еден демонстрант во публиката и се пофали со масовните депортации на неговата администрација.
„Отстранувањето на криминалците не е само предизборно ветување“, рече тој.
„Тоа е моја свечена должност како врховен командант. Имам обврска да ја спасам нашата земја.“
На митингот, тој покажа видео за кое неговата администрација тврди дека ги прикажува мигрантите, наводни членови на банди, како пристигнуваат во озлогласен затвор во Ел Салвадор, додека толпата навиваше на сцените на кои на депортираните им се бричеа главите.
За време на говорот, во кој покани неколку од неговите најблиски соработници на сцената, Трамп изјави дека неговата администрација ги донела „најдлабоките промени во Вашингтон за речиси 100 години“.
Тој, исто така, се осврна на царините, велејќи дека Кина, која моментално се соочува со царини од 145%, „одзеде повеќе работни места од Соединетите Држави отколку што која било друга земја некогаш одзеде од друга“.
„Вечерва сме тука, во срцето на нашата нација, за да ги прославиме најуспешните први 100 дена од која било администрација во историјата на нашата земја“, рече Трамп.
Подоцна додаде: „Тукушто почнавме. Сè уште не сте виделе ништо.“
Трамп исто така се осврна на војната, и најави мировен процес, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин сака да го реши конфликтот во Украина, додавајќи дека би „можел да ми зададе мали главоболки во текот на процесот“.
