Трендафилов: Власта да предвиди пари за платите – Мицкоски: Раководството на ССМ е политички инструмент на опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата Влада да нема изговори дека нема пари во буџетот и да ги зголеми платите за 15 посто годишно, порача првиот синдикалец Слободан Трендафилов. Тој истакна дека очекува власта да потврди дека ќе има усогласување на платите од септември но и од следната година, согласно колективниот договор за јавниот сектор. Нашата поддршка кон Владата ќе ја имаат само доколку ги спроведат барањата рече Трендафилов кој најави дека во спротивно ќе преземат одредени чекори.  

„Платите во јавниот сектор наредните 4 години ќе растат по 15 проценти годишно и новата Влада треба да предвиди пари во Буџетот да немаат изговори, ние работниците сме изморени од слушање изговори од нивна страна и очекуваме тоа што ќе го кажат денеска да значи токму тоа, зајакнување на капацитетите, престанување на злоупотребување на вработените во јавниот сектор, департизација на јавниот сектор, да не вработуваат нивни партиски кадри во наредниот период и да ја зголемуваат јавната администрација што тоа беше проблем изминатиот период и сметам дека ние како синдикат ќе бидеме подготвени во овој процес“, вели Слободан Трендафилов.

На ова премиерот Христијан Мицкоски со остри и навредливи тонови нарекувајќи го синдикалниот лидер Трендафилов слуга на опозицијата, рече дека покачувањето на минималната плата е регулирана со закон.

„Октроирани со фалсификувани документи лидери на синдикални организации кои што се политички инструмент на опозициски партии кои што се сликаа најчесто пред први мај а ништо не испорачуваа за работниците, жалам, можам да изразам жалење што тие дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес. И ги замолувам во името на позицијата која што ја држат таква каква што ја држат на начин на кој што ја држат да внимаваат, затоа што ние сме нивен партнер на работниците“, вели Христијан Мицкоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска со ребалансот на Буџетот ги задолжи институциите при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои не се предвидени средства.