Три години членство во НАТО – Македонија со сигурна и безбедна иднина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, иако сум сигурен дека таа слика ќе остане трајно врежана во нашето сеќавање. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост од одбележувањето 3 години членство во НАТО во касарната Илинден. Тој додаде дека 27 март е денот кога Македонија ја запечати својата безбедносна иднина.

„27ми март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. Денеска ние сме НАТО. Ја остаривме едногласната одлука на нашето Собрание и идејата на нашите предци, кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат со носење храбри, државнички и тешки одлуки“, вели Димитар Ковачевски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека е горда за сите учества на Армијата во мировните мисии и придонесот што го даваме за унапредување на мирот во светот.  Армијата се модернизира и развива со забрзано темпо и денес сме во чекор со нашите НАТО-сојузници.

„Чекавме долго за да можеме да кажеме ние сме НАТО, ние сме заедно и посилни, ние сме сојуз на 30 еднакви нации кои ги поврзуваат вредностите кои ги живееме. Согласно плановите нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од 2 проценти од бруто домашниот производ алоциран за одбраната веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме“, порача Славјанка Петровска.

На свеченоста се обрати и началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски кој рече дека членството во НАТО  е важен чекор кон зајакнување на мирот и стабилноста во државата.

„Од нашиот пристап и исполнување на сите задачи во воениот дел покажавме дека сме сигурен и одговорен партнер кој стандардите во обуката и интероперабилноста ги оствари многу порано од нашето полноправно членство а кое го потврдуваме и во изминатите три години“, додаде Васко Ѓурчиновски. 

Пред три години Македонија стана 30-та членка на НАТО откако претходно Собранието го усвои северноатлантскиот протокол со што беше остварен последниот чекор кон зачленувањето во алијансата.