Три илјади домаќинства во Тетово без вода – општината тврди дека следната недела ќе се избере компанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Населбата 146 во Тетово сѐ уште нема вода за пиење. 3 илјади куќи од населбата, вклучувајќи и дел од Мала Речица се жалат на недостиг на вода за пиење. Жителите се принудени да изнаоѓаат алтернативни решенија, да полнат вода на јавни чешми или пак од разни извори на Шар планина, вода која не служи за пиење, туку само за одржување хигиена.

„Се разговара за вода, а ние вода немаме со години. Тука нема вода. Одиме долу кај Арабат. Жените полнат вода, тука нема. 10-15 години тука немаме вода. Нема што да правиме. Никој не доаѓа да се заинтересира за ова, освен пред избори. Доаѓаат собираат гласови и си заминуваат“, вели жител на населба.

„Нема вода, ништо не можев да измиеш со таа вода. Базенот горе го изградија, но нема вода. Тие треба да ја пуштат цевката долу, треба да го направат тоа, но сѐ уште ништо. Дали е за тука или не, не знаеме“, додава друг жител.

Од општина Тетово, велат дека проектот за доведување на вода од базените во Лисец до базените во населбата 146 завршил и дека се пријавени 5 компании. Следната недела ќе се избере компанијата со најниска понуда, велат од општината.  

„Во текот на денешниот ден истече временскиот рок за тендер, а следната недела се очекува електронска аукција, каде се пријавени вкупно 5 компании. Проектот е вреден 11 милиони и 500 илјади денари“, велат од Општината Тетово.

ТВ21 и пред два месеци емитуваше прилог за проблемот на овие жители. Друг голем проблем за истата населба е што нема училиште, поради што учениците се принудени да патуваат по 2км до најблиското училиште „Наим Фрашери“.