Три лица загинаа во сообраќајка кај Блаце: Возилото скршнало на недовршената автопатска делница и паднало во бездна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Братот со сопругата тргнале да ја пречекаат сестрата на скопскиот аеродром во саботата навечер. Но, при враќањето кон Косово, тие ја згрешиле насоката и паднале во бездна, при што сите тројца го загубиле животот.

ТВ21 ја сними трасата по која се движело возилото со германски регистарски таблички во кобната ноќ. Од магистралниот пат кај Блаце, поради недостиг на сообраќајна сигнализација, возачот погрешно продолжил кон недовршениот автопат.

„Тука сè уште се видливи трагите од крвта, но и од возилото кое паднало во бездна длабока речиси 20 метри, на патниот правец од Блаце кон Скопје, кој сè уште е недовршен. Бидејќи возачот не бил запознаен со патот, не успеал да закочи во кобниот момент, по што тројцата останале без знаци на живот 48 часа, сè додека не биле пронајдени од екипите за потрага и спасување на полицијата.“, вели репортерот на ТВ21, Аднан Ќаили.

Возачот 64 годишен У.Т. од Косово, со живеалиште во Германија, и сопатниците 56 годишната Ф.Ш.Т. од Косово и 54 годишната Ј.К. од Турција, и двете со живеалиште во Германија, починале на местото на несреќата.

„Дојдовме и ние, го видовме трагичниот случај, многу ни беше жал. Сите тројца беа мртви, дојде и брза помош, но беше жално… Полицијата преку ден нè извести да провериме, бидејќи едно возило исчезнало, дали можеби е во реката Лепенец.“, вели жител на Блаце.

Случајот бил пријавен следниот ден од сопругот на сестрата, кој во неделата во 13:40 часот во Полициската станица Бит Пазар ги пријавил како исчезнати. Тој пријавил дека неговата сопруга и нејзиниот брат со сопругата се исчезнати. Поточно, тој рекол дека не можел да воспостави контакт со нив откако тие со возило го напуштиле Меѓународниот аеродром во Скопје на 18-ти јули во 22:15 часот.

„Веднаш по пријавата за исчезнатите лица, екипите на СВР Скопје од Чаир, Центар и Единицата за интервентна полиција извршија проверка на камерите од системот ‘Safe City’ со цел да ја утврдат трасата на движење на исчезнатите лица и возилото што го користеле. Беше подигнат и дрон над патот, бидејќи било утврдено дека возилото не ја напуштило земјата преку Граничниот премин Блаце. Вчера вечер во 22:35 часот, на автопатот Блаце–Скопје, кој е затворен за сообраќај и е во изградба, патничко возило ‘Мерцедес’ со германски регистарски таблички излетало од патот и се превртело.“, рече Гоце Андреев, портпарол на МВР.

Смртта била констатирана од лекар на Итната медицинска помош, а увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Скопје. По наредба на обвинителот, телата на починатите биле предадени на обдукција.

По завршувањето на истражните постапки на Обвинителството и Институтот за судска медицина, се очекува телата да им бидат предадени на семејствата преку Амбасадата на Косово во Скопје.

Ова не е единствениот случај на недовршениот автопат. Претходно ТВ21 известуваше и за друго возило кое доживеало несреќа на истото место.