Три нови случаи со коронавирус, вкупно во државава се 70, една пациентка во критична состојба

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вкупно тестирани за коронавирусот денеска се 43 лица, од кои три се позитивни, што значи вкупниот број заболени во државава е 70. Бројот на пациенти ќе расте. Сите пациенти се во релативно стабилна клиничка слика, лесна до средна. Пациентката која е на механичка вентилација на Клиниката за инфективни болести од синоќешните часови е во многу критична фаза и се прават сите напори во смисла на дополнителна поддршка на сите органски системи и терапија, истакна на прес-конференција во Владата министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека од тројцата потврдени случаи денеска, една пациентка патувала во Србија, втора пациентка е бабата на четиригодишното дете од Штип заболено од коронавирус, и уште еден пациент е од Скопје.

– Заболените од коронавирус се од Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид. Направена е домашна визита кај речиси сите пациенти кои се на домашно лекување во текот на вчерашниот ден, а денеска се очекува да заврши домашната визита и на останатите. Има пациенти кои избираат да се лекуваат дома и да не бидат хоспитализирани. Тоа нивната состојба го дозволува, рече Филипче.

Министерот потенцира дека нашата земја располага со вкупно 120 респираторни машини. Светските искуства, нагласи тој, велат дека пет проценти од заболените се на респираторна машина, што значи дека на бројка од 1.000 пациенти, претпоставка е дека ќе има 50 пациенти на респираторна машина.

– Набавката на респираторни машини е во тек. Проблемот е што тие во овој момент се запрени во Бразил со одлука на нивната Влада и со интензивна комуникација и нашиот амбасадор во Бразил се обидуваме таа бројка машини да ја ослободиме. Многу земји во светот го запреа извозот на респираторни машини, чувајќи ги за своите пациенти. Се надевам дека ова ќе успееме да го направиме. Од денеска имаме и друга добра информација, а тоа е дека и Кина веќе резервира 200 респираторни машини. Тоа го потврдија денеска, треба да се формализираат актите, правните механизми како треба тие да стигнат во земјава. И во овој момент располагаме со доволен број респираторни машини, рече Филипче.

Тој потенцира дека во нашата земја до денеска вкупно се направени 888 тестови, а во овој момент лабораторијата во Институтот за јавно здравје располага со 1.400 дополнителни. Ќе се обединет капацитетите на двете лаборатории – во Институтот за јавно здравје и во Клиниката „Жан Митрев“.

– Донесена е одлука за избор на дополнително количество од 1.000 тестови, како и најавената донација од уште 1.000 тестови, со најава дека 1.000 ќе бидат на располагање секоја следна недела за нашата земја и 300 во кое било време во лабораторијата во Клиниката „Жан Митрев“. Во однос на реорганизацијата и зголемување на достапноста на изработка, прво на земање материјал/брисеви, а понатаму и на изработка во лабораторијата од понеделник ќе функционираат два пункта во рамки на Здравствениот дом Скопје во поликлиниката Чаир и во „Јане Сандански“. Ќе се закажува телефонски преку системот „МојТермин“ и со тоа значајно ќе се зголеми достапноста до оваа услуга во нашата земја, истакна Филипче.

Многу често сме сведоци, посебно последните два-три дена, дека се лиферуваат различни информации за бројката на болните и за нови локации во нашата земја, посочи Филипче, додавајќи дека на дневна основа ги собираат сите информации од Институтот за јавно здравје каде работат епидемиолозите и од лабораторијата во ИЈЗ и редовно и точно ја информираат јавноста.

– Ова го правиме од првиот ден, а ќе продолжиме така да информираме и понатаму. Информираме во тој момент кога ќе бидат потврдени точен број позитивни, односно негативни тестови. Сметаме дека ова не е натпревар за ексклузивитет, тука нема време ниту место за сензационализам, бројот на пациенти ќе расте и тоа ние го очекувавме. Тоа се најавите од сите земји каде што е во развој бројот на пациенти, рече Филипче.

Тој даде уште неколку коментари во однос на затворањето на границата и посочи дека затворањето на границата за влез на наши граѓани е противуставно и ние тоа не можеме да го направиме, не може да го направи ниту една земја, ниту го направила, како во регионот, така и во Европа.

– Јас сум свесен дека оваа ситуација го смени животот, дека луѓето затворени дома се соочени со страв. Стравот е емоција, меѓутоа не треба да стане ирационален заради тоа што така не е корисен и е штетен. Мора сите да сме свесни дека токму таа изолација, самоизолација, карантин е спасот и начинот да се стави крај на ширењето на инфекцијата. Во оваа битка учествуваме сите и нема простор за политички поени. Секој еден од нас треба да помогне да се надмине оваа сериозно кризна ситуација, светска здравствена криза. Мерките што ги носиме се согласно препораките и согласно степенот на ширење на вирусот. Со оглед на тоа што имаме податоци дека многу често мерките не се почитуваат, во текот на денешната седница на Владата, што е закажана за 16:30 часот, јас ќе предложам заострување на одредени мерки посебно во делови од државата каде што е регистрирано непочитување, а за типот на мерките после дискусијата на Владата дозволете да информираме откако седницата ќе заврши, истакна Филипче.

Тој нагласи дека Светската здравствена организација посочила на брзо ширење на болеста во светот, бројот на заболени во изминатите 12 дена е зголемен за 100.000 и сега вкупниот број заболени во светот е близу 250.000.

– Беа потребни три месеци да се достигнат првите 100.000 пациенти, а само 12 дена за следните 100.000. Во изминатите 24 часа бројот на заразени во светот е поголем за 16.556, а бројот на пријавени смртни случаи е зголемен за 828, додаде Филипче.