Трифун Костовски се враќа во политиката, најавува нов политички субјект

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот градоначалник на Град Скопје и некогашен пратеник, бизнисменот Трифун Костовски, во објава на Фејсбук порача дека Македонија се наоѓа на „крстопат“ и дека е неопходна итна промена на политичкиот и општествениот правец на државата.

Тој предупреди на иселување на младите, корупција и економска нестабилност, оценувајќи дека земјата се соочува со сериозен државен и институционален колапс. Според него, најголемата загуба е заминувањето на младата популација, која ја нарече клучен капитал за иднината на државата.

Костовски смета дека политичкиот систем во изминатите децении не понудил вистинска визија и дека државата има потреба од нов пристап, заснован на економски развој, правда и одговорност. Тој истакна дека патриотизмот треба да се мери со дела, а не со политички пароли.

Во објавата, Костовски најавува и можност за формирање нов политички субјект без партиски и национални обележја, кој би бил насочен кон обединување на граѓаните и зајакнување на економијата и институциите.

„Време е граѓаните да престанат да бидат публика и да станат двигатели на промените“, порача Костовски, додавајќи дека Македонија мора да биде ставена над партиските интереси.