Тројката од „Отворен Балкан“ ќе оди во Брисел „доколку нема прогрес тоа ќе биде удар врз кредибилитетот на Унијата“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По дилемите дали да одат или не на Самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија, Еди Рама и српскиот Претседател, Александар Вучиќ, едногласно одлучија сепак да учествуваат. Одлуката ја соопштија преку социјалните мрежи. Премиерот Ковачевски напиша дека тоа го прават за уште еднаш да ѝ покажат на Европа дека доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции на Западен Балкан, кредибилитетот на Унијата ќе биде сериозно разнишан.


-Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија, рече Ковачевски.

Преку „Твитер“ своето учество на Самитот на ЕУ го потврди и премиерот на Албанија, Еди Рама.


-Ние ќе учествуваме за средбата на Европскиот совет. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ние ќе бараме да бидеме сослушани во однос на идејата за новата европска политичка заедница која ние ја поддржуваме – „Отворен Балкан“, која го промовира духот на Европа, како и за нашето киднапирање од страна на Бугарија, која го уништува тоа, рече Рама.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, напиша дека темите на кои ќе разговараат на Самитот нема да бидат воопшто лесни. Одлуката за учество и заеднички пристап на Самитот во Брисел, го нарече уште еден чекор кон прогрес, но и јасен сигнал дека независно од бројните препреки, продолжуваат да даваат конструктивен придонес на патот кон евроинтеграција.


-Свесни сме дека темите за кои ќе разговараме на Самитот нема да бидат лесни, но, нашето учество уште еднаш ќе ја покаже и потврди нашата посветеност на европскиот пат на Србија, Албанија и Северна Македонија, рече Вучиќ.

Инаку, Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „24 Вести“ изјави дека го посоветувал премиерот Ковачевски да не оди на Самитот в четврток. Според Пендаровски, Ковачевски нема што да бара во Брисел, особено што на вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, Бугарија изнела нови барања за укинување на ветото за Северна Македонија.


На Самитот на ЕУ кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел, се очекува Украина и Молдавија да добијат статус на земји-кандидати, а ќе биде повторена и заложбата на ЕУ за перспективата на пристапување на земјите од Западен Балкан.