Првото заседавање на новиот состав на Советот на општина Кичево не помина толку добро, со оглед на тоа што тројца советници на ДУИ поднесоа оставки.
Прв се повлече носителот на листата на ДУИ, лекарот Газменд Јусуфи, потоа лекарот Ќемал Рушити и професорката Џика Јахоја. Тројцата советници истакнаа дека причината за нивните оставки се професионалните ангажмани.
„Повикувајќи се на Членот 29 од денеска поднесувам оставка како советник“, истакна Газменд Јусуфи.
„Имајќи ги предвид моите професионални ангажмани и од лични причини, и јас се повикувам на Членот 29 на Деловникот за работа на Советот на општина Кичево и мандатот ѝ го враќам на партијата на која ѝ припаѓам“, вели Ќемал Рушити.
„Ќе се придржувам до Членот 29 и ќе го вратам мојот мандат како советничка“, додава Џика Јахоја.
Но, кога прифатиле да бидат на листата за советници, дали знаеле дека освен професионалниот ангажман ќе имаат и ангажман кон народот како избрани советници? ТВ21 го праша носителот на листата на ДУИ, Газменд Јусуфи дали причината за неговата оставка е политичка или пак, прифатил да фигурира на листата само за да собере гласови?
„Причините не се политички, бидејќи вие новинарите секогаш го мислите тоа. Единствената причина е мојот професионален ангажман кој со текот на времето ќе се види, бидејќи не можеме да стигнеме да се вратиме тука поради тоа што сме ангажирани во Скопје“, посочи Газменд Јусуфи.
Од ДУИ велат дека согласно Деловникот на Советот, тројцата советници ќе бидат заменети со наредните советници од листата, а тоа се: Тефик Љутфиу, Сибел Туфекџи и Арѓенд Асани.
Скендер Џабири, претседател на Советот на општина Кичево доаѓа од редовите на ДУИ, а беше предложен од советникот на СДСМ, Иван Божиноски. За претседател беше изгласан со 12 гласови „за“ и 11 „против“.
„Ние сме избрани од граѓаните за доброто на градот и граѓаните. Ова е главното начело поради кое сме тука“, додаде Скендер Џабири.
Инаку, мнозинството од 12 советници во овој состав на советот го имаат ДУИ, заедно со СДСМ и советникот на Движењето „Одлучно за промена“
