Тројцата осомничени за загадувањето на водата во притвор – Асани, Нуредини и Дервиши спроведени во затворот во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со лисици на рацете излезе од судот. Придружувана од полициски службеници, директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, им порача на своите блиски дека е добро.

„Добро сум, добро сум“, рече Артана Асани.

По неа излегоа и другите двајца осомничени, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши. И нивните семејства се обидуваа да им се обратат додека тие влегуваа во полициското возило.

Тројцата уапсени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар, осомничени за тешки кривични дела против животната средина и природата, ќе бидат задржани во притвор 30 дена. Одлуката ја донесе судијата на претходна постапка, по предлог на Основното јавно обвинителство.

„Во предлогот се наведени причините за определување мерка притвор, имајќи ја предвид казната предвидена за кривичното дело за кое се сомничат, бидејќи станува збор за дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Исто така, доколку осомничените се бранат од слобода, постои голема опасност да избегаат и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат сослушани во текот на истражната постапка. Судијата на претходна постапка, Михајловски, го прифати предлогот на Јавното обвинителство и на секој од осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена“, изјави Драгослава Веселинова, портпаролка на Основен суд Гостивар.

Откако беа преземени, полициските возила се упатија кон Скопје, каде што осомничените ќе ја издржуваат мерката притвор. Истрагата за случајот продолжува, а Обвинителството се очекува да преземе и дополнителни дејствија за целосно расветлување на случајот.