Пластични кеси, лименки, фрлен зеленчук и друг отпад.
Вака изгледаат тротоарите на главната улица во Чаир, „Џон Кенеди“.
Во овие топли денови не се поминува од овде не само бидејќи пречат на патот туку и поради лошата миризба што се шири од отпадот.
Прашавме дел од граѓаните колку време не е исчистено ѓубрето од улицата. Иако не сакаа да зборуваат пред камера, ни рекоа дека ѓубрето што е надвор од контејнерите не е исчистено од денот на Курбан Бајрам, бидејќи според нив треба да дојде уште еден камион на Комунална хигиена за ѓубрето што е оставено надвор.
„Комунална хигиена Скопје“ пред неколку дена преку статус на Фејсбук упати апел до граѓаните да не фрлаат ѓубре на јавните површини, нешто што го опишуваат како тенденциозно.
-Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно фрлање отпад на јавни површини. Уште еднаш потсетуваме дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените контејнери претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота, а сторителите подлежат на санкции. Ваквото однесување го загрозува јавното здравје и значително ја зголемува опасноста од ширење заразни болести, особено во летниот период.
Прашавме во претпријатието кога ќе се чисти отпадот, но одговор не добивме.
