Цементарница УСЈЕ: Нема логика за блокади, не сме виновни за загадувањето во Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во Скопје, немаат логика какви било блокади на Цементарницата, се посочува во соопштението од компанијата испратено до јавноста во врска со протестот најавен за утре од активистите од групата Чист воздух, како и претставниците на О2 коалиција.

Компанијата потенцира дека моментно, од вкупната количина на енергенси што ги користи, на алтернативно гориво отпаѓа четири проценти.

Дополнително, неспорен аргумент, посочуваат, е дека УСЈЕ ги имплементира сите домашни и европски регулативи од областа на заштитата на животната средина во индустријата. УСЈЕ ништо не крие и постојано е отворена за сите заинтересирани граѓани, активисти и невладини организации, затоа што, како што наведуваат, веруваат во отворена, аргументирана и одговорна дебата. Од компанијата потесетуваат и дека досега неколку пати директно упатиле покани до активистите од групата Чист воздух, како и претставниците на О2 коалиција за да ги потсетат за детално да се запознаат со начинот на работа на Цементарница и во отворен и директен разговор да ги разменат аргументите.

-И покрај нашата подготвеност за дијалог со сите заинтересирани страни, продолжува неаргуметираниот напад врз компанијата со целосно неточни и невистинити тврдења кои ниту се потврдени од релевантни фактори, ниту пак за тоа постојат реални докази. Ваквата состојба во која е ставена нашата компанија не води кон подобрување на состојбите, бидејќи тоа е можно само со аргументи и со реални показатели и факти, а истовремено е крајно неодговорна. Сите мора да сносиме одговорност за јавно искажаниот збор. Апелираме да не се шират непроверени информации и шпекулации за оваа важна тема, затоа што тие, покрај врз компанијата, нанесуваат штети и во напорите за лоцирање на вистинските проблеми со амбиенталниот воздух во нашиот град и врз преземањето ефективни мерки за почист воздух, а единствено имаат популистички ефект, стои во соопштението.

Искрената борба за чист воздух и здрава животна средина, според УЈСЕ, се гради исклучиво врз аргументирани факти, и истовремено подвлекува дека сите мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во градот. -Континуираните 24-часовни независни мерења, врз кои немаме можност да влијаеме, покажуваат дека емисиите на Цементарница се постојано под, а во делови и неколкукратно пониски од законски дозволените вредности, наведуваат од Цементарницата.