Цените на нафтата продолжија да паѓаат во вторникот на светските берзи, по сигналите дека Соединетите Американски Држави и Иран се подготвуваат повторно да ги започнат мировните разговори по прекинот на борбите. Цената на суровата нафта „Брент“ денеска продолжи да се намалува и изнесува 85,7 долари за барел. Во споредба со вчера, цената на „Брент“ денеска е пониска за речиси 3%. Во меѓувреме, цената на американската сурова нафта WTI се намали за 2,6%, односно на 80 долари за барел.
„Падот на цените на нафтата претставува олеснување откако минатата недела Брент достигна 100 долари за барел, во петокот затвори на околу 97 долари за барел, а вчера падна на 88,3 долари. И покрај забавениот сообраќај низ Ормускиот Теснец во последните денови и заканите за напади од проиранските Хути врз танкери во Црвеното Море, трговците со нафта очигледно се охрабрени од можноста за примирје“, се велина светската берза на нафтени деривати.
Додека на светските берзи цените се во пад, во земјава од полноќ значително поскапеа дизелот и бензините. Вчера образложението на Регулаторната комисија за енергетика беше дека новите цени се пресметуваат врз основа на просекот од изминатата седмица. Денеска, пак, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по празникот Илинден, на владината седница на 4 август ќе се одлучува за евентуално намалување на акцизата и ДДВ.
„Во понеделник ќе ја направиме пресметката на просекот за втората половина од месецот и врз основа на тие параметри ќе се утврди цената на нафтените деривати. Добро е што веќе два дена по ред цената паѓа, денеска се стабилизираше на околу 85–86 долари за барел, така што следната недела се очекува поголемо намалување на цените на нафтените деривати и бензините. Она што е важно е дека ова е берзански производ – сите држави купуваме од ист извор, но нашата држава има најниски цени на дизелот и бензинот во регионот, па дури и во Европа, можам да кажам“, изјави премиерот Мицкоски.
Покрај Македонија, и Босна и Херцеговина има меѓу најевтините цени на дизелот и бензинот во регионот. Најскап бензин во регионот имаат Грција и Албанија, додека најскап дизел, покрај Албанија, има и Србија.
