„Цените растат, платите остануваат исти“ – Ферати: Прогнозите се лоши, граѓаните загрижени

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најавите за покачувањето на цените на прехранбените производи за 50% до крајот на годината, ги загрижија граѓаните на земјава, вели економистот Рахметулах Ферати. Тој вели дека последиците најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните  бидејќи поскапува потрошувачката кошничка а платите остануваат исти.

„Прогнозите се дека до крајот на годината прехранбените производи ќе поскапат до 50%, ќе има зголемување на цените што е доста загрижувачки индикатор за домашната економија и за  населението воопшто. Толкаво поскапување не можат да издржат граѓаните доколку земеме предвид дека просечната плата е од 27 до  28  илјади денари, а потрошувачката кошница е 34 илјади денари“, истакна Рахметулах Ферати .

Министерот за економија, Крешник Бектеши пред неколку дена рече дека прогнозите за поскапувањето на цените до 50% на прехранбените производи не се точни. Но доколку има големо поскапување, тогаш владата ќе интервенира со замрзнување на цените. Ферати вели дека владата треба да го спречи поскапувањето на електричната енергија за да не поскапи храната.

„Врз основа на прогнозите се гледа ова. Сега имаме 20% поскапување на лебот но се очекува да има уште поскапување врз основа на енергетската криза што ја имаме. Се очекува да поскапува бидејќи енергијата е основен елемент за производство на продуктите. Иако владата се обидува да стабилизира и да ги смири граѓаните, сепак прогнозите се лоши“, додаде Рахметулах Ферати .

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски вели дека нема причини за паника и дека граѓаните треба да бидат смирени бидејќи АД Електрани го затвораат пазарот целосно и ги обезбедуваат потребните количини на електрична енергија.

Инаку според ДЗС, потрошувачката кошница минатата година во јули изнесувала 33 илјади 265 денари односно 550 евра, додека оваа година е 34 илјади и 127 денари, што значи дека е за 3% поскапа.