Како започна кампањата на претседателските кандидати? Ќе го задржат ли нивото на комуникација до изборите или полека влегуваме во црна кампања со директни и меѓусебни критики па и говор на омраза. Деновиве за ова говореше и Имер Селмани поранешен кандидат за претседател кој анализирајќи го однесувањето на кандидатите на ДУИ и ВРЕДИ Бујар Османи и Арбен Таравари рече дека тие досега имаат култура на однесување, но дека главни „подбуцнувачи“ се штабовите на политичките партии.
„Ги познавам и двајцата, ако останат тие двајца без премногу од нивните штабови да се влијае, без премногу од нивниот круг каде што се движат да се влијае, знаете кога патувате по дебати или митинзи, секој некогаш може да ви шепне, знаете зошто не му рековте тоа, можевте ова да му кажете, вака да го ставите во потесна ситуација, мислам дека кампањата до крај, барем помеѓу двајцата кандидати помеѓу Арбен и Бујар ќе остане на ниво“, порача Имер Селмани.
Но што се случува со другите кандидати и тоа главно на терен. Директните противници, кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, иако се обврзаа дека нема директно и лично да се напаѓаат сепак во овие неколку митинзи кои ги имаа не пропуштаат да се искритикуваат.
„Дури мислам дека намерно стимулираат егзодус зашто ако некој е умен и способен тука нив тоа ги нервира оти ги потсетува дека се потпросечни, фрустрирани, искомплексирани. И затоа додека ние зборуваме за програма, јас, претседателот, пратениците тие се бават со црна кампања. Гледате ли какви парадокси, срам ми е да кажам, некој ќе рече ова е процес на дебилизација“, вели Гордана Силјановска Давкова.
„Тоа се луѓе без образ кои немаат доблест ниту да се извинат за најсрамниот чин во историјата на македонската држава 27 април 2017-тата кога организираа насилен бунт само да не ја предадат власта на оние кои ја добија довербата на граѓаните. Наместо да се извинат тие во својата изборна програма и во своите политички изјави најавуваат амнестија на оние кои сакаа да убиваат пратеници“, вели Стево Пендаровски.
Нешто слично е и кај другите кандидати. Стевче Јакимовски директно го нападна Максим Димитриевски.
„Сега се виде дека господинот Максим Димитриевски си е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и јас не случајно претходно реков кога Мицкоски велеше дека опозиција на опозиција сме биле јас и госпоѓата Ванковска, а што останува со тој третиот кандидат, еве каде се криел зајакот“, вели Стевче Јакимовски.
Дел од експертите пак укажуваат дека главната битка во црната кампања ќе се води на социјалните мрежи а веќе по билборди и медиуми може да се забележи меѓусебни оцрнувања на опонентите.
