Центарот за управување со кризи (ЦУК) започна пилот-проект за поставување интелигентни камери за рана детекција на шумски пожари во неколку критични локации низ државата. Камерите ќе бидат под постојан 24-часовен надзор од Оперативниот центар на ЦУК, со цел навремено откривање на пожари и побрза реакција на надлежните служби.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, истакна дека воспоставувањето систем за рано откривање на шумските пожари било една од неговите главни цели од моментот кога ја презел функцијата.
„Од првиот ден мој приоритет беше создавање ефикасен систем за рана детекција на шумските пожари. Денес можам да соопштам дека, во соработка со домашна компанија, поставивме интелигентни камери во неколку критични зони во државата. Тие ќе се следат 24 часа од Оперативниот центар на ЦУК и ќе овозможат побрза реакција, поефикасна координација и подобра заштита на шумите, имотот и граѓаните“, изјави Али.
Тој нагласи дека заштитата на животната средина и безбедноста на граѓаните остануваат врвен приоритет на институцијата.
Од Центарот за управување со кризи оценуваат дека овој пилот-проект претставува значаен чекор кон модернизација на системот за превенција и справување со пожари. Со примената на современи технологии за рана детекција се очекува побрзо откривање на пожарите, поефикасна координација на институциите и навремено дејствување на терен, со што ќе се намали ризикот од поголеми материјални штети и последици врз животната средина.
