Предлог-измените на Законот за високо образование се неприфатливи за Сенатот на Тетовскиот универзитет, па затоа побараа законот да се повлече и да се преразгледа, земајќи ја предвид реалната состојба во универзитетите.
– Најголемиот број забелешки се однесуваат на нарушувањето на универзитетската автономија, бидејќи се предвидува формирање универзитетски совет кој ги намалува надлежностите на универзитетот и токму тука мнозинството професори имаат забелешки. Другите забелешки се бројни. Во однос на акредитацијата на докторските студии, Универзитетот во Тетово ги исполнува сите услови – има академски кадар, научни трудови – но критериумите не се во хармонија со реалната состојба и за тоа има повеќе забелешки. Сенатот на Универзитетот во Тетово донесе одлука со која предлага законот да се повлече, да се преразгледа и да се изработи нацрт што ќе биде во согласност со реалната состојба, изјави Ректорот на ТУ „Фадил Сулејмани“, Јусуф Зејнели.
За да се дебатира за новиот предлог-закон, денеска на Тетовскиот универзитет беше министерката за образование Весна Јаневска. Таа е децидна дека законот нема да се повлече, но рече дека ги слуша забелешките.
– Законот е еден месец на јавна расправа и сите имаат право да дадат забелешки. Доколку забелешките се прифатат – а досега имавме дебати и се договоривме што ќе се прифати – но законот нема да се повлече и не треба да се повлече, бидејќи ја гради иднината на нашите млади, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Иако беше прашана од новинарите, Јаневска не ги откри имињата на лицата кои го подготвиле новиот предлог-закон, со образложение дека станува збор за познати имиња и дека им се нарушува академскиот интегритет.
Според Бленди Ходаи од „Форумот за промени во образованието“, необјавувањето на имињата на изготвувачите укажува на нетранспарентност.
– Самото тоа што министерството не ги спомена имињата на лицата кои го изготвиле предлог-законот значи дека законот е нетранспарентен и тоа е важно за нас, бидејќи законот за високото образование е од јавен интерес. Тоа не е роман што ќе го објавите и ќе кажете – еве го објавивме. Ние забележуваме дека со еден дел се нарушува автономијата на универзитетот и сметаме дека автономијата на универзитетите е многу важна за академскиот кадар, вели Бленди Ходаи – ФПО.
Предлог-законот наиде на критики од голем дел од универзитетите и академската јавност во земјата, кои изразија слични загрижености за нарушување на универзитетската автономија.
