Туниските власти спасија 64 мигранти од превртен брод во источниот Медитеран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Туниските власти спасија 64 мигранти од чамец што се преврте крај брегот во источниот Медитеран откако остана без гориво, соопштија денеска властите.

Царинската служба на Тунис соопшти дека доцна синоќа поморски патроли им пришле на помош на мигранти од различни националности, а во несреќата нема повредени, пренесува АП.

„Спасените мигранти се обидувале илегално да стигнат до европските земји“, соопшти царинската служба.

Според првите наоди од истрагата, мигрантите најверојатно тргнале од Либија.

Тие се префрлени во пристаништето Цеба за дополнително испитување.

Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), во 2024 година повеќе од 30.000 мигранти ја напуштиле Либија и стигнале до Италија.

Како што наведува оваа агенција, 61 отсто од оние кои пристигнуваат во Италија по морски пат доаѓаат од Либија, додека 32 отсто од нив се од Тунис.