Туристите се безбедни по големиот пожар на Крит, се враќаат во хотелите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сите туристи кои беа во областа Иерапетра на Крит, каде што избувна голем пожар, се безбедни и се враќаат во своите хотели, соопшти Грчката национална туристичка организација (EOT).

Генералниот секретар на EOT, Андреас Фиорентинос, потврди дека пожарот сега е под целосна контрола.

„Веднаш беа преземени сите потребни превентивни мерки. Туристите од погодените области беа евакуирани како мерка на претпазливост и сместени во други делови од островот, вклучувајќи ги Херсонисос, Елунда и Малија“, рече Фиорентинос.

Придонесот на локалната заедница, чии жители спонтано понудија да ги сместат туристите во своите домови за време на кризата, беше особено значаен.

„Итната мобилизација на сите вклучени страни уште еднаш докажа дека Грција има механизми кои функционираат ефикасно, дури и во тешки услови“, нагласи Фиорентинос. Тој додаде дека безбедноста на туристите, локалните жители и природната средина е апсолутен приоритет на грчките власти.

EOT им се заблагодари на локалните власти, хотелиерите и граѓаните на Крит за нивната солидарност и поддршка за посетителите за време на оваа вонредна состојба. Организацијата ја увери јавноста дека ќе продолжи со своите напори да обезбеди престојот на туристите да биде непречен и со високо ниво на гостопримство карактеристично за Грција.