Полицијата го уапсила 28 годишниот Анџгело Ѓорѓиевски, првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот. МВР соопштува дека по осомничениот по кој се трагало со потерница, е уапсен по полноќ и е префрлен во затворот во Шутка каде се наоѓа во притвор.
„По преземени интензивни мерки и активности за негово пронаоѓање и приведување, лицето околу 01.20 часот се предало на полициски службеници од Оперативен тим Потраги на подрачје на нас. Аеродром, велат од МВР.
Што се однесува до лекарскиот третман на веќе покојниот Тот, министерот за здравство, Беким Сали рече дека го чека дополнителниот извештај од судска медицина.
„Извештајот од Санитарниот здравствен инспекторат е доставен до мојата канцеларија, го чекаме извештајот од судска медицина, по комплетирањето на сите документи ќе се формира комисија, дали има сомнеж за некој детаљ. Се уште немаме комплетна слика. Не можам да дадам прецизен одговор меѓутоа гледаме дека секоја институција ја врши својата работа во рамки на своите надлежности“, вели Сали.
На 7 април ракометарот на РК Бутел, Денис Тот, беше најден во бесознание кај една скопска дискотека. Еден ден подоцна Тот почина во болница како последица од повредите.