Убиство во Бардовци – Спасов кој претходно ја убил и мајка си, слободно шетал низ Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со удари со стаклено шише 35-годишниот Димитар Спасов од Неготино убил друг осуденик во тепачка која се случила во судскиот оддел на Психијатриската болница во Бардовци. До инцидентот дошло до кавга за кревет. Починатиот 62-годишен жител на скопско Љубанци бил осуден за убиство, додека убиецот одлежувал казна за семејно насилство. Од МВР информираат дека по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, а против насилникот ќе биде поднесена соодветна пријава.

„На 05 август 2025 во 01часот и 38 минути во СВР Скопје било пријавено дека околу 50 минути по полноќ во Јавната здравствена установа „Психијатриска болница Скопје “ во Бардовци, во соба на судскиот оддел, настанала физичка пресметка помеѓу осудениците Д.С. 35 години од Неготино и И.Т. 62 години од село Љубанци, скопско. Притоа, од ударите со стаклено шише И.Т. паднал во бесознание, по што бил пренесен во Ургентен центар на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што во 2 часот и 20 минути починал“, велат од МВР.

Вработените од Психијатриска болница пријавувале дека имаат проблеми со насилникот кој објавувал и видеа дека тепа затвореници, но и покрај тоа Спасов слободно се шетал низ град.

Министерот за здравство Азир Алиу вели дека потребно е зголемување на кадарот во болницата.

„Пред месец и пол јас јавно со слики со текст објавив дека таму треба инвестиции и од аспект на инфраструктура но исто така и од аспект на зајакнување на човечки капацитети таму. За жал овој настан ќе го забрза процесот, но треба да учиме, јас сум да креираме политики, министерството да превенира не да постапува после вакви случаи.“, рече Алиу.

Убиецот Спасов е веќе познат на полицијата со тешки кривични дела меѓу кое и грозоморно убиство на својата мајка во 2012 година. Тој тогаш имал 23 години, а откако ја убил со неколку убоди со нож, ја фрлил во контејнер, по што бил забележан од комуналните работници. Дури и се пофалил на социјалните мрежи дека ја убил својата мајка.