Учениците во бојкот чекаат епилог за наставничката – Инспекторатот за образование ја презема документацијата за „Ваксинце“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека течат законските рокови за институционално решавање на проблемот во училиштето во Ваксинце, околу 100 ученици и понатаму остануваат без настава и во втората недела од бојкотот. По полемиките околу здравствената состојба на наставничката по англиски јазик С.С., родителите инсистираат дека нема да ги вратат децата на училиште, а во исто време директорот на училиштето не ја суспендира наставничката за да се овозможи непречено одвивање на наставата до конечен епилог

„Додека Инспекторатот за образование не го каже она што треба да го каже и додека не ни достави документ дека наставничката треба да биде отстранета, ние не можеме да преземеме одговорност. Ние не преземаме одговорност за сите професори – ги посетуваме и ги следиме. Освен директорот, училиштето го посетуваат и образовни инспектори и советници, и досега немало ниту една забелешка. Додека нема забелешки, не можеме да отстраниме од работа кој било, кога кому ќе му текне“, изјави Идриз Сулејмани, директор на ООУ „Рилиндја“ Ваксинце – ЛЛОЈАН.

Тој, заедно со Советот на родители на ова училиште, денеска се обратија до Инспекторатот за образование во Скопје. Како што и најавија, ја доставиле медицинската документација за наставничката, како и петицијата од родителите.

„Инспекторатот за образование денеска ја прими предметната документација и по нејзино разгледување веднаш ќе организира инспекциски надзор на лице место. Согласно постапката, специјална комисија ќе ги води процедурите за верификација на документите, систематски здравствен преглед и, врз основа на резултатите, ќе бидат преземени конкретни чекори поврзани со ова прашање“, велат од МОН.

Но, броењето на деновите е долго за децата од прво до петто одделение, кои без своја вина остануваат надвор од образовно-воспитниот процес. Родителите оценуваат дека безбедноста на децата е приоритет.

„Ние како родители презедовме иницијатива да одиме понатаму. Ако нема решение, повторно ќе бојкотираме. Да, тоа е наше право и ние сме обврзани да ги заштитиме нашите деца. Главната цел е безбедноста, а неа ја немаме. Што ако таа повторно започне со работа, а децата не се чувствуваат безбедно?“ – вели Арсим Мисини, родител од Ваксинце.

„Преку институциите побаравме и нејзино отстранување, но истовремено проблемот да се реши институционално. Можеби преку темелен психолошки тест, организиран од самото Министерство за образование, а не од други нерелевантни институции или приватни ординации“, вели Фитим Мифтари, родител од Ваксинце.

ТВ21 ја поседува целата документација и го следи случајот чекор по чекор сè до враќањето на учениците во училишните клупи. Инаку, во подрачното основно училиште во Ваксинце, во последните месеци има незадоволство поради аномалии во наставата по англиски јазик, при што се бара разрешување на наставничката С.С. Родителите се повикуваат и на полициски извештај за нејзино исчезнување, по што следувало боледување со невролошки извештај и нејзина рехабилитација. Нејзиното враќање по полугодието не беше прифатено од родителите, кои веќе 10 дена го бојкотираат наставниот процес.