Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска за првпат слушна дека училиштето „Рилиндја“ во Лојане повеќе од две години нема вода за пиење. Причина за тоа е високото присуство на нитратите, што е потврдено и од Центарот за јавно здравје-Куманово.
-Веднаш ќе реагирам. Случајот го покренавте вие, а јас ќе се заинтересирам и во секторите на министерството. Доколку ваквата состојба е пријавена од претставниците на училиштето „Рилиндја“ во с.Лојане, децата се на прво место и јас се залагам за секоја училиште во земјава, како за „Рилиндја“, така и за секое друго училиште. Ви благодарам вам новинарите што ја изнесовте оваа проблематика. Ќе видам во наредните денови да се реши проблемот, вели Шаќири.
ТВ21 викендов повторно го отвори прашањето за присуство на арсен во близина на училиштето во Лојане и немањето вода за пиење. Наставникот Африм Зимери вели дека водата не е безбедна за пиење за целото село, а учениците, како што додава, носат вода од дома.
-Составот на арсен во водата е 50% повеќе од дозволеното согласно меѓународната норма. Иако многу жители од нашето село Лојане вода за пиење земаат од бунари, сепак водата содржи арсен и предизвикува канцерогени болести, вели Зимери.
Но, директорот на училиштето, Идриз Сулејмани, за ТВ21 рече дека водата од чешмата која доаѓа е во многу мала количина, а понекогаш се случува и да нема воопшто. Покрај тоа, и водата од бунарот е забранета да пиење. Од општина Липково информираа дека во тек се градежни активности на водоводната мрежа со цел да се отстрани контактот на рудите со водата и за пиење да се користи водата од браната Липково.
