Училиштето во Визбегово сѐ уште не е пуштено во употреба – Костовски кон Шаќири: Нема политика, проблемот е технички

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Рокот од 1-ви октомври помина, а основното училиште во Визбегово се уште не е пуштено во употреба. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во емисијата „10 минути“ на ТВ21 го обвини градоначалникот на Бутел Дарко Костовски дека води политички игри.

Јетон Шаќири: За мене беше политичка изјава со политичка реторика кога градоначалникот се обиде да спореди нешто друго што се случи кај нас со училиштето во Визбегово, спореди дека не сака да се случи трагедија поради немање струја, знаејќи го фактот дека ..

Н.: Модуларната болница во Тетово?

Јетон Шаќири: Да, тој го спореди со она што не сакав да го спомнам, но се чини дека тоа е политичка реторика од страна на градоначалникот на општина Бутел.

Но, градоначалникот на општина Бутел за ТВ21 изјави дека не се работи за политика, бидејќи проблемот е технички.

Шаќири исто така го обвини Костовски за неасфалтирање на улицата кај училиштето. Костовски рече дека и тоа ќе биде завршено до крајот на годинава.

Што се однесува до назначувањето директор на училиштето, Костовски рече дека сè уште е рано да се зборува но рече дека директорот ќе биде од албанската заедница.

Инаку Костовски соопшти дека утре ќе оствари средба со министерот Јетон Шаќири и претставници на ЕВН за изнаоѓање решение во врска со инсталацијата за електрична енергија.