УЈП не попушта за плаќање на данокот на дохот – од 1.100 граѓани само 200 доставиле докази за платен данок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се остава време граѓаните кои работеле во странство и кои треба да платат данок на доход да можат да обезбедат докази дека за нив е платен данокот од компаниите во кои што работеле. Ова го изјави директорката на Управата за јавни приходи Елена Петревска, која рече дека ваквиот договор е постигнат во петокот на средбата со нив. Од 1.100 граѓани кои што работеле во Авганистан и Ирак околу 200 имаат поднесено докази, но што со оние кои не можат да ги обезбедат доказите. 

„Постојат и други засегнати граѓани кои што не успеале да обезбедат соодветни докази од компании во кои што работеле и постигнавме заклучок да ни достават листи од тие граѓани, податоци за компаниите во кои што биле ангажирани за да повторно им излеземе во пресрет и да направиме напори за проверки дополнителни и за тие граѓани во смисла на тоа дали имаат платен данок во другата држава“, порача Елена Петревска.

Петровска вели дека нема податоци колку пари се досега собрани од наплата на овој данок. Сепак додава, дека решенијата кои што ги добиле нема да им предизвика дополнителни трошоци, односно немаат рокови и со тоа нема да им се пресметува камата.

„Тоа се аконтативни решенија кои што ќе бидат заменети со конечни годишни решенија за 2020 година. Генерирањето или изготвувањето на тие конечни годишни решенија кои што се однесуваат на корекција на годишната даночна пријава за 2022 година ќе го поместиме тој процес или тоа дејствие до добивањето на одговорите и до завршувањето на целиот овој процес кој што го започнавме за да ги провериме потребните докази и податоци“, вели Елена Петревска.

Граѓаните кои работеле во други држави најмногу во Ирак и Авганистан, велат дека со години не живеат во земјава и затоа не треба да бидат третирани како даночни обврзници. Тие во петокот одржаа средба со Петревска, но оттаму излегоа незадоволни.

„Решение не успеавме да најдеме. Денеска бевме тука повикани да имаме една презентација како Управата за јавни приходи како работи, како ги спроведува законите всушност беше една семинарска средба. Не учеа како да постапуваме со законите, со тие решенија. Така што ние донесовме докази, тие вела дека ги имаат, ги разгледуваат веќе месец дена ги разгледуваат. Немаме никаков одговор“, вели Жикица Миланов.

Досега овие граѓани одржаа неколку протести и тоа во Тетово и во Куманово, градови од каде што најмногу има лица кои работат во странство. Тие бараа поништување на решенијата за данок бидејќи како што рекоа неправедно се оданочени.