Ова проектот во Грац, Австрија, а ова во центарот на Скопје. Украден проект или совпаѓање на идеи. Планот за изградба на објектите кај Холидеј ин е идентичен со идејата на Томас Пухер за кој светскиот архитект веќе имал добиено награда токму за тој проект. Го прашавме архитектот на објектите Мартин Пановски дали овој план е пресликан од тој на Пухер, но тој ја отфрла таквата можност.
„Дали сме ја зеле точно од таа зграда и сме ја пресликале? Не. Бидејќи тоа и го кажав такви згради веќе има изградено. Не е таа прва и единствена во светот. Такви има веќе десетици, тоа е тренд во архитектурата и има изведено такви.“, вели Пановски.
Трите згради кај Холидеј ин сепак се на само една парцела од просторот на паркингот, додека на другите две парцели во ДУП-от се заведени да се градат 60-катници.
„Тие се на еден дел од паркингот. Потоа имате на другиот дел од паркингот накај куќите по планот е предвиден плоштадот, па понатаму на место на куќите има уште локации кои што се предвидени за градба.“, рече Пановски.
И додека од една страна се покрена иницијатива за собирање потписи кои се против изградбата на висококатниците, денеска се огласија и жителите од околните куќи на Ново Маало веднаш до паркингот, кои бараат да биде овозможена изградбата на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот.
„Крајно сме револтирани од предлозите за суспензија на планот и притисокот за ова, кој го прават луѓе кои живеат во удобни домови, наспроти жителите на Ново Маало. Доколку дојде до таква постапка подготвени сме да излеземе на протест, да ја блокираме работата на Општина Центар, како и да поднесеме тужба до Стразбур.“.
Но, засега останува неизвесно дали Советот на Општина Центар ќе поведе расправа за суспензија на планот на изградбата на висококатниците спроти Холидеј Ин. Богдановиќ на седницата на Советот на општината минатата недела пред советниците објаснувал што би значела суспензијата и дека доколку се донесе инвеститорот може да поднесе тужба, но за ова не побара да се гласа.
