Откако украинските беспилотни летала го извршија најголемиот напад досега врз руските воени бази во неделата, руските сили значително ги засилија безбедносните мерки во окупираниот Крим.
Според објавата на украинската партизанска група АТЕШ на Телеграм , руската воздушна одбрана сега патролира клучни воени аеродроми 24 часа на ден, вклучувајќи ги и оние во Саким, Џанкој и Гвардиски. Војниците се жалат на исцрпеност и недостаток на персонал, додека контролите на административната граница на Крим со Херсонската област се дополнително заострени.
За потсетување, ноќта помеѓу 1 и 2 јуни, Украина изврши најобемниот напад, операција наречена „Пајажина“, откако со беспилотни летала навлезе длабоко на руска територија, погодувајќи воени воздухопловни бази од источен Сибир до западните граници на Русија.
Според украински извори, биле употребени 117 дронови, а цел на нападите биле четири воени аеродроми. Сателитските снимки покажуваат дека најмалку 13 руски стратешки бомбардери, вклучувајќи ги Ту-95МС и Ту-22М3, се уништени или сериозно оштетени, а вкупната штета се проценува на околу 6 милијарди евра.
