Украинци од Скопје на протест пред руската амбасада: „Зошто убивате невини луѓе, што сакате со тоа?“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со марш до руската амбасада, Здружението Лесја Украинка и денеска одржа протест против воената агресија врз Украина. Носеа украински знамиња и транспаренти на кои пишуваше да престанат воените дејства и убиствата на невини жртви. Со ироничен настап велат се собрале да и го честитаат денот на Русија. Велат дека руските војници во Украина ги ограбувале нивните домови и затоа донесоа пред амбасадата дел од домашната покуќнина.

„Денеска се собравме да им го честитаме Денот на Русија. Денот на Русија тоа е ден на руски мир. Руски мир, тоа е силување, убиства на невини луѓе, деца. Сакам да се обратам до амбасадата. Нели не можете да им платите пари на своите војници, зошто крадат, зошто доаѓаат кај нас во Украина, зошто убиваат луѓе. Што сакате со тоа?“, рече Александар Урбанович.

Покрај со Украина, Русија војувала и со голем дел од своите соседи, а воената агресија врз Украина одзеде многу невини животи, меѓу кои и голем број деца, вели Тамила Велковска потпретседател на здружението. Тие денеска пред руската амбасада донесоа и погребен венец.

„Од 14 земји со кои е опкружена со 10 има војувано. Желбата да ги уништи Украинците се сврте со огромни драстични загуби за самата Руска Федерација. Наместо да се збогати доби санкции кои што ја уништуваат руската економија. Сакаше цвеќе за дочек во нашите градови, меѓутоа доби погребни венци, еве таков каков што донесовме ние тука, последен поздрав за големата империја која што ја сакаат“, изјави Велковска.

Од Здружението се жалат и дека украинските бегалци кои се сместени во Македонија не им се дозволуваат никакви права. Вината ја гледаат во Министерството за надворешни работи за каде велат дека се уште не го носат потребниот закон.

„Им се овозможува само да се наоѓаат тука како туристи не повеќе од 90 дена, над 365 дена им се дава лична карта од хуманитарни причини. Со таа лична карта од хуманитарни причини не им се дозволува ни школување ни лекување ни бесплатен превоз, ни вработување ни ништо“, вели Урбанович.

Руската воена агресија врз Украина започна на 24 февруари и досега загинаа илјадници цивили, а над 4 милиони се бегалци во многу земји на Европа.  Во Македонија има околу 1.150 украински бегалци.