Улицата „Борис Кидрич“ во Кичево две години раскопана – продолжуваат активностите, Дехари ветува дека ќе заврши до крај на ноември

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поминаа речиси две години откако почнаа градежните активности за реконструкција на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево. Работата се одолговлече поради одредени пречки и документи, а последиците од тоа најмногу ги чувствуваат граѓаните кои секојдневно поминуваат по оваа улица. Велат најтешко им е во текот на есента и зимата. По подолга пауза, деновиве повторно стартуваа активностите и како што може да се види веќе почнаа да се поставуваат рабници и да се санираат тротоарите.

-Поминаа речиси две години откако улицата „Борис Кидрич“ е во ваква состојба. Оваа улица е доста фреквентна, но веќе подолго време е ископана и оставена во ваква состојба. Како што се чини, сега почнаа некои активности на поставување на рабници, но се работи со слаб интензитет-јавува репортерката на ТВ21, Салије Садику.


Улицата беше ископана и оставена ваква, бидејќи првин наиде на пречка со времените објекти кои општината ги сруши кога почнаа градежните активности. Потоа, Светската банка која го финансира проектот, по поплаките на сопствениците на објектите, побара општината да ги обесштети. Следен проблем кој настана е кога изведувачката компанија се премисли поради зголемувањето на цените и средствата ѝ изгледаа недоволни.


Градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, извинувајќи им се на граѓаните, рече дека патот ќе биде готов кон крајот на ноември.

-Во овој случај ние како општина бевме на некој начин жртва на целиот овој настан, бидејќи сме корисници на овој проект од Светска банка. Но, сега сите пречки се надминати и можете да снимите дека работите се започнати. Според предвидената динамика, до последната недела на ноември оваа улица треба да биде завршена-рече Дехари.

Градоначалникот Дехари во јуни минатата година на Фејсбук го најави почетокот на градежните активности и напиша дека станува збор за голем проект, бидејќи е предвидено да се постави и канализација, велосипедска патека, кружни текови и зелени површини.