УНЕСКО ја разбуди власта, охридскиот градоначалник дури сега најави уривање нелегални објекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако беше обелоденет Извештајот на УНЕСКО во кој има сериозни критики и ќе се препорача Охрид и Охридското Езеро да бидат ставени на листата на загрозени светски вредности, градоначалникот Константин Георгиески најави уривање на дивоградбите. Тој дури сега ветува силна посветеност во насока на исполнување на препораките на оваа светска организација за заштита на природните и културни богатства.


„Откако ќе финализираат активностите за уредување на плажите на потегот Лагадин, населбата Свети Стефан и Горица 3, ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платформите во делот на месноста на Елешец. Исто така, во наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите во градската зона од каналот Студенчишта до Горица 1 и плажите во делот на населбата на Канео кои се опфатени во Генералниот урбанистички план“, посочи градоначалникот Георгиески.


Побаравме став и од Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде велат дека и тие се посветени на зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно наследство, но додаваат дека а тоа се потребни ангажман од многу институции на локално и национално ниво. Некои од корективните мерки и бараните активности се веќе спроведени а некои се очекува да бидат спроведени во текот на годинава.


„Во 2021 година, согласно Планов за управување, поништена е туристичко-развојната зона Љубаништа 1, а претстои и изработка на Детален урбанистички план за крајбрежјето на Охридското езеро. Тече законски предвидениот рок за прогласување на Студенчишко Блато како заштитена зона. Дополнително, а согласно законските рокови и предвидената динамика, Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата се очекува да биде усвоен во октомври годинава“, истакнаа од Министерство за животна средина.


Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекува дека власта ќе го подобри статусот на Охридското езеро, туку како што тврди уште повеќе ќе биде злоупотребен регионот за претстојните избори.


„Претпоставувам ќе се пазарат и за овие локални избори со разно-разни полумафијашки структури кои што ќе ги уценуваат за маркици, за тендери, за легализација, така што нема да не зачуди ако догодина оценката биде уште полоша и ни го одземат статусот“, додаде Мицкоски.


Вчера по објавувањето на извештајот, премиерот Заев рече дека Владата е свесна за жолтиот картон од УНЕСКО. Рече дека експертската група на оваа светска организација која го подготви извештајот била во земјава во јануари минатата година а дека оттогаш биле преземени голем број чекори.