Уставен ќе ја кани Венецијанската комисија, Ајдари и Кадриу нема да присуствуваат ниту на подготвителната седница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На посебен работен состанок кој ќе се одржи на 24 или 25 овој месец, Уставниот суд ќе ја утврди листата на учесници на подготвителната седница која треба да се одржи во март идната година. Претходно судијата известител Елизабета Дуковска, ќе поднесе предлог листа на учесници, а воедно ќе бидат утврдени и спорните правни прашања. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју во Клик плус на ТВ21 вели дека е во постојан контакт со Венецијанската комисија и ќе бара и нивни претставници да дојдат и да учествуваат на таа седница.

-Бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија, сакам и нивни експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат негде во март, го чекаме и пријателскиот совет кој ќе биде усвоен на Венецијанската негде на почетокот на март, штом го добијам пријателскиот совет и штом добијам повратна од Венецијанската кога би можеле да дојдат јас веднаш ќе ја свикам подготвителната седница, изјави претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

Уставниот судија Осман Кадриу кој заедно со неговиот колега Насер Ајдари не присуствуваа на седницата во средата, најави дека нема да присуствуваат ниту на подготвителната седница. Тој во изјава за Алсат рече дека според него ниту на таа седница нема да се постигне ништо.

-Отсега ја известуваме јавноста дека ние двајцата Албанци нема да учествуваме на таа средба бидејќи за ваша информација на таа средба ништо не може да се постигне. Имавме подготвителен состанок. Немаше друго алиби, немаше друга причина Судот со мнозинство гласови да донесе ваква одлука, но со тоа навреме победуваме, бидејќи по подготвителниот состанок ќе треба одредено време да се подготви нов извештај, изјави судијата на Уставен суд, Осман Кадриу.

Костадиновски отворено се пожали дека судиите на Уставниот суд се под политички притисок а на моменти и врз нив има и закани.

Тој дури во еден момент имал намера да се пожали и до светските судски институции за овој проблем. Вели тоа е резултат на ниското ниво на политичката култура што ја имаат партиите.

-Јас во еден период дури и размислував дали да се пожалам до европската или светската конференција на меѓународни судови и до Венецијанската за притисоците што се вршат врз судот затоа што објективно, подолг временски период Уставниот суд и уставните судии се изложени на политички влијанија и политички притисоци, па дури и закани. Како вас ви звучи кога политички фактор ќе излезе и ќе каже дека Уставниот суд посакува дестабилизацијата на земјата, изјави претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

За Законот за јазиците поднесени се 13 иницијативи за преиспитување на уставноста од неколкумина професори и граѓани, политички партии како и здруженија, а оформен е во 2019 година. Венецијанската комисија веќе има дадено забелешки за овој закон.