Уставен суд ја одложи одлуката за јазиците, Костадиновски вели подготвителната седница не е резултат на притисоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се одложува процесот на расправа и одлучување за Законот за употребата на јазиците. Уставниот суд одлучи да се одржи подготвителна седница бидејќи како што беше истакнато постојат одредени спорни правни прашања, а не е резултат на никакви притисоци. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски порача дека откако ќе заврши дебатата, расправата за оспорените одредби од Законот ќе продолжат.

-Денешната одлука на никој начин не сакам од никого да биде разбрана како слабост или подлегнување под нечиј притисок. Кажав и на самата седница, ние продолжуваме со постапувањето по тој предмет. Тоа е најстариот предмет повеќе од 5 години и нашата денешна одлука едноставно треба да биде толкувана како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност спрема граѓаните, изјави претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

Костадиновски рече дека на таа подготвителна седница сакаат да ги слушнат мислењата на експертската јавност како и претставници на Венецијанската комисија, а се очекува таа да се одржи во март идната година. Продолжението пак на расправата во Уставниот суд по иницијативите за законот би требало да се одржи најдоцна до мај 2025 година.

Значи тие се две посебни алатки што Венецијанската комисија ги има да дава на барање на влади или законодавец, мислење за закон. Но за уставните судови таа одговара на спорни правни прашања. Ние имаме поставено спорни правни прашања. Самиот факт што одиме на подготвителна седница доволно говори дека ние имаме спорни правни прашања и ова воопшто не е едноставен закон и нашата одлука воопшто нема да биде едноставна, изјави претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски.

На денешната седница на Уставен, столчињата на судиите Албанци Осман Кадриу и Насер Ајдари останаа празни откако тие и претходно најавија дека нема да присуствуваат. На почетокот судијата Фатмир Скендер побара одложување на седницата за да се убедат судиите Кадриу и Ајдари да учествуваат, но неговиот предлог беше одбиен. По, ова тој ја напушти седницата.

-Барам уште еднаш, кога предметот чекал 5 години нема ништо повеќе да се смени ако остане уште една или две недели се во прашање. Можеби судиите ќе се предомислат, без оглед на тоа дали тие ќе се предомислат или не ние понатаму ќе ја продолжиме работата, изјави судијата на Уставен суд, Фатмир Скендер.

Законот за употребата на јазиците е оспорен со 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии и здруженија, а оформен е во 2019 година, а Венецијанската комисија даде забелешки за овој закон.