Направивте многу досега и треба да го продолжите патот за членство во Европската унија, ако не сакате сите млади да заминат во Европа, треба Европа да ја донесете тука. Ова го порача германската министерка Аналена Бербок на заедничката прес конференција со министерот Бујар Османи. Таа го истакна значење на усвојување на уставните измени и затоа порача заедно да се седне со опозицијата и да се надминат партиските интереси.
„Искористете ги сите расположливи можности за процесот да може да продолжи и тоа во следните месеци а да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка. Договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите. Мора заедно да се седи на иста маса со опозицијата, мислам дека тоа е силата на демократијата, во такви моменти да не биде прво партиската книшка или изборите“, вели Аналена Бербок.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ова Собраниет ќе треба да ги изгласа уставните измени, одговарајќи на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој неодамна рече дека овој парламентарен состав нема да гласа за уставните промени. Вели дека промената на Уставот и не е толку значајна поради тоа што Бугарите се и сега во Уставот во категорија други и ова треба да им се објасни на граѓаните а не да биде дебата на партиско-политички интерес.
„Јас мислам дека овој парламентарен состав треба да ги заврши уставните измени заради многу причини. Прво заради тоа што до ноември ако не се завршат, преговорите прекинуваат со сите психолошки и административни последици. Второ, Албанија сигурно ќе го продолжи патот. Трето, со постигнатиот договор помеѓу Косово и Србија во Охрид, сигурно ќе има нова забрзана патека. Тоа значи дека ние пак ќе останеме изолирани“, порача Бујар Османи.
Германската министерка Бербок има средби и со претседателот на Државата Стево Пендаровски, како и со пратениците во Собранието, на кое главна тема на разговорите се уставните измени.
