Уставните измени за две недели во Собрание – Мицкоски: Османи има лош смисол за хумор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во следниве две недели иницијативата за уставните измени ќе биде доставена во Собранието, изјави премиерот Димитар Ковачевски, но без притоа да прецизира дали за промените на највисокиот правен акт е обезбедено потребното двотретинско мнозинство од опозицијата.

„Уставните измени ќе бидат поднесени во Собранието во текот на наредните две недели и ќе отпочне процесот согласно со процедурите во Собранието, таму каде што им е местото. Обврска на секој пратеник на секоја политичка партија во Собранието е овој процес да го поддржи и да обезбедиме придвижување на европската интеграција со отворање на поглавјата со отворање на кластерите и завршување на преговорите до 2030 година и зачленување на државата во Европската унија“, вели Димитар Ковачевски.

Но за обезбедувањето мнозинство и за тоа дека постојат контакти со некое идеолошко крило изминативе денови тврдеше министерот за надворешни работи Бујар Османи, на што Мицкоски му врати дека тој сонува. Османи во интервју за Канал 5 му врати на Мицкоски.

„Можеби ќе се разбуди тој кога на телевизија ќе гледа како поминуваат уставните измени. Но шега на страна, јас кажав во една прилика дека прв пат идејата за уставни измени како решение на односите со Бугарија сум ја чул од висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Таа идеолошка линија која го даде предлогот постои таму“, додаде Бујар Османи.

Смисолот за хумор не му е добра страна на Османи му одговори Мицкоски. Уставни измени нема да има, потребни се предвремени избори, рече тој.

„Ако како медицинско лице е загрижен за мојот сон тие што ме познаваат знаат дека бргу и малку спијам, рано се будам и долго работам во текот на денот. Но ако како политичар се обидува да употреби некаква метафора тогаш мислам дека му е погрешна, ние тоа сме го кажале во минатото многу пати дека ВМРО-ДПМНЕ диктати не прифаќа како што е овој бугарскиов диктат и ако се реферира на уставните измени, такви уставни измени нема да има“, вели Христијан Мицкоски.

И помалите опозициски партии се против уставните измени. Ердоган Сарач од Движењето на Турците од името на сите 15 партии порача дека наместо тоа потребни се предвремени избори.

„Со оглед на распоредот на силите во парламентот повеќе од јасно е дека власта не може да обезбеди двотретинско мнозинство за ваква промена на Уставот на Република Македонија и оттука како решение за целокупната криза во земјата предлагаме најбрзо, без одлагање да се оди на предвремени парламентарни избори“, вели Ердоган Сарач.

По доставувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието до првото свикување на Комисијата за уставни прашања треба да поминат 30 дена, што значи дека дебатата за нив треба да почне во средината на август а до ноември кој е крајниот рок на нивното усвојување остануваат уште 3 и пол месеци што е многу кус период за целата процедура во законодавниот дом.