Премиерот Ковачевски на утрешната седница на Комисијата за уставни прашања ќе го образложи предлогот за уставни измени. Но шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека пратениците од оваа партија ќе бидат присутни на седниците и на Комисијата за уставни прашања и на пленарната седница но ќе гласаат против потребата за измени на Уставот. Ова тој го истакна откако утре и официјално започнува собраниската процедура на уставните измени.
„Еве утре ќе бидеме таму присутни и еве кога ќе биде точката ставена на дневен ред членовите од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога овие уставни измени предвидени според Комисијата уставна таканаречена, предводена од Цаца Николовска се доставени во парламент. Не знам која беше причината и кој беше мотивот содржината да се стави. Овие луѓе повеќе сакаат да и слугуваат на Радев и Бугарија отколку на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија“, вели Христијан Мицкоски.
Уставните измени треба да бидат усвоени од сите пратеници кои и мислат добро на оваа држава, порача потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска во летното издание на Клик плус на ТВ21.
„Уставните измени треба да поминат според мене од секој оној пратеник во Собранието за да гласа за нив, кој што и мисли добро на државата и на идните генерации. Би требало и нашата опозиција да ги слушне многу внимателно сите пораки кои што ни ги испраќа меѓународниот фактор. Мене ме загрижува онаа изјава која ја слушнавме викендов дека доколку не ја искористиме оваа шанса ќе не разделат од Албанија, така што Албанија ќе оди напред а ние ќе останеме да тапкаме во месо или пак можеби уште полошо да се вратиме назад“, вели Сања Лукаревска.
Но за ваквата најава за одвојување на Македонија од Албанија Мицкоски вели дека тоа ќе биде грешка, но не покажува и дека е загрижен, вели дека во таков случај и посакува среќа на Албанија што ќе оди напред.
„Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати и ако овие бирократи тоа го дозволат ќе направат уште една историска грешка. Овој народ има свое достоинство и ако тие мислат дека треба таква политика да водат јас им посакувам среќа на сите тие држави кои што ќе одат напред а ние ќе се бориме ова наше достоинство да го аргументираме“, порача Мицкоски.
Со утрешната седница на Комисијата за уставни прашања на која единствена точка се измените на Уставот и официјално започнува процедурата за промени на највисокиот правен акт а расправата на Комисијата треба да трае 10 дена.
