Јубилејното петто издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0, ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија.
Во текот на трите фестивалски дена посетителите ги очекуваат добро познати маалски програми и лица од претходните изданија, но и нови содржини за овој јубилеј: работилници, изложби, уметност во јавен простор, филм, музика, базар и многу простор за средби и маалска дружба, соопштуваат организаторите.
Програмата започнува уште на 10 и 11 јуни, од 17:00 до 19:00 часот, со работилницата за креативно пишување „Маалска архива“ во Паркот на Франкофонија. Под водство на Марија Бошковска, учесниците ќе читаат, ќе шетаат, ќе набљудуваат и ќе собираат траги од маалото, од кои ќе создадат фиктивни маалски хроничари и заедничка архива на невидливите истории, комшиските муабети, заборавените простори и сите наши големи и мали соседи.
Во петок, 12 јуни, Паркот на Франкофонија ќе стане простор за заедничко создавање. Од 15:00 часот започнува „Работилница за изработка за све и свашта во маало“ со Никола Писарев, која продолжува и во сабота, од 11:00 до 18:00 часот. Оваа година заеднички ќе се изработуваат, дизајнираат и осликуваат куќички за улични кучиња. Куќичките ќе бидат наменети за маалски кучиња за кои соседите веќе се грижат и ги прифатиле како дел од заедницата.
Истиот ден, од 17:00 до 19:00 часот, со Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе се одржи „Тајната ботаничка градина на нашето маало“ – работилница за родители и деца над седум години. Учесниците ќе ги истражуваат формите, линиите и текстурите на растенијата и ќе ги претворат во ботанички графики, кои на крајот ќе станат дел од заедничка изложба меѓу дрвјата.
Во петокот навечер, во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро, ќе се отвори изложбата „Пркосните 12“, завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија на организацијата ПРКОС, под менторство на Драги Неделчевски, која содржи 30 портрети создадени од дванаесетте учесници, кои преку фотографијата изградија простор за комуникација, меѓусебно разбирање и креативно изразување.
Во рамки на програмата „Маалски МУРАЛ“, публиката ќе го види и новиот мурал на Дејвид Стоилковски. Како автор на повеќе од 80 мурали во Македонија и во странство, Стоилковски создава дела што живеат со околината и секојдневно комуницираат со минувачите, отворајќи простор за нови дијалози надвор од класичните галериски ѕидови.
Главниот фестивалски ден е сабота, 13 јуни, кога Паркот на Франкофонија ќе биде исполнет со програма од пладне до доцна навечер. Од 12:00 до 18:00 часот ќе се одржи омилениот Маалски базар на артизани и мал саем на книги, а ќе биде поставена и инсталацијата „Впивачки тела“ на Зорица Зафировска.
За актерите од 15:00 до 19:00 часот ќе се одржи практичната работилница Self Tape & Casting Process со Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска. Преку работа на конкретни сцени за аудиција, учесниците ќе поминат низ подготовка на лик, анализа на текст, снимање self tape и запознавање со динамиката на современите кастинг процеси.
Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров, пак, ќе ја водат Работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти. Првиот дел ќе се одржи на 12 јуни, од 11:00 до 16:00 часот, а финалната работилница и подготовките на 13 јуни, од 16:00 до 18:00 часот. Во 18:00 часот, инструментите создадени од необични и секојдневни предмети ќе оживеат на концертот на оркестарот „Чуднозвучни инструменти“.
Во Монтажната галерија, од 13 до 17 јуни, ќе биде поставена изложбата „АРХИВ НА ТРАГИ“ на Аммар Качар. Составена од фрагменти од реупотребена камионска тенда, поставката ги спојува погледите кон скопските згради, облаците, движењата и секојдневието во нов пејзаж што се движи меѓу реалноста и имагинацијата. Во рамки на изложбата, на 13 јуни од 17:00 до 18:00 часот, ќе се одржи и отворената работилница за колективно везење ENDLESS CIRCULATION BETWEEN DREAM AND SURVIVAL.
Како дел од филмската програма, во соработка со Македокс, во 19:30 часот во Паркот на Франкофонија ќе се прикаже документарниот филм „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар.
Јубилејното издание ќе се заокружи со концертот на ИСКРА, во 22:00 часот во Паркот на Франкофонија. Создаден во Скопје во 2019 година, бендот гради сопствен футуристички музички универзум во кој synthwave, електронската музика, металот и впечатливите визуелни елементи се спојуваат во моќно аудио-визуелно искуство.
