Утре започнува теренската вакцинација во општина Градско

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Екипите за теренска вакцинација од ЈЗУ Здравствен дом од Велес утре ќе започнат со теренска вакцинација во селата во општина Градско. Без закажан термин, како и досега со кинеската „Синовак“ ќе може да се вакцинираат жителите од селата Кочилари, Ногаевци, Водоврати и Виничани.

Инаку денеска заврши теренската вакцинација во селата во општина Чашка каде од 12 јули до денеска беа посетени 24 населени места и беа вакцинирани вкупно 505 жители.

– Вакцина против коронавирусот, денеска примија 32 жители на селата Бистрица, Нежилово и Ореше, а вчера 113 жители од кои 66 во Богомила, осум во Согле и 39 жители од село Теово, информира за МИА д-р Марина Тодоровска координатор за спроведување на вакцинацијата.

Од 25 мај кога започна масовната вакцинација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, заедно со вакциналниот пункт во Здравствениот дом. Заклучно со вчерашните бројки, вакцинирани се 17.865 лица од кои 6575 примиле и втора доза, а останатите го чекаат веќе закажаниот термин за втора доза. Најголем дел од вакцинираните се вакцинирале на масовниот пункт за вакцинација во спортската сала, од кои на овој пункт 5278 лица примиле и втора доза.

– Вакцинацијата во Велес и велешко одлично се реализира што е резултат на добриот одзив на населението, информира д-р Тодоровска.

Таа додава дека секојдневно на пунктот во Здравствениот дом се вакцинираат од 100 до 120 лица.

– Вакцинирани се 40 млади, од првата група во која беа повикани 46 млади кои претходно сами се пријавија на веб-страната vakcinacija.mk, соопшти за МИА д-р Пандели Божиков од пунктот во Здравствениот дом.

Во наредните денови треба да биде повикана и втората група млади, од преостанатите 33 лица од вкупно пријавени 79 млади на возраст од 16 до 18 години. Сите млади се вакцинираат со вакцината „Фајзер“.

Со веќе објавените резултати од Министерството за здравство, Велес и велешко е меѓу регионите со најголем број на вакцинирани во земјава.