Еден ден по жалбите на земјоделците од Врапчиште дека градот и невремето им ги уништи засадените полиња со жита, на терен излезе зм. министерката за земјоделство, Вјолца Бериша. Изјави дека општина Врапчиште и регионалната единица на Министерство за земјоделство ќе ги проценат штетите и потоа преку Влада ќе обезбедат средства за обештетување барем на материјалната штета на земјоделците.
„Комисија на регионалната единица на министерството ќе излезе на терен за да направи проценка на штетите. Претходно имам информација дека била и комисијата на Општина Врапчиште. Заедно ќе направиме записник за да дојде како барање во Министерство за потоа да се обезбедат средства преку Влада и секако дека ние ќе бидеме таму за да се увериме дека ќе има компензација на штетите. Физичкиот замор, трудот и духовниот аспект е нешто што не може да се компензира, но барем финансискиот аспект…“, вели Вјолца Бериша.
Земјоделците очекуваат дека Владата преку Министерство за земјоделство што поскоро да ги компензира штетите. Додаваат дека се уште не им се исплатени минатогодишните субвенции, и упатија апел што побрзо да им се исплатат.
„Благодарам на зм. министерката што дошла да не потсети и како второ јас барам што поскоро да бидеме обештетени, или да ми ги пуштат парите на субвенциите или овие пари, за да купам храна за стоката“, порача Газменд Сејдиу.
Како друг проблем ги спомна и парцелите земени под закуп, но без договор. Вели субвенциите ги добиваат сопствениците на парцелите, не земјоделците.
„Бараме да не ни бараат имотен лист, туку да излезат на лице место и да видат кој засадил пченка, јачмен, тоа да го барат, да се знае кој засадил“, вели Халил Фетахи.
Врнежите од 5 јули во овој регион уништија најголемиот дел од земјоделските култури, а вчера земјоделците преку ТВ21 побараа помош од државата бидејќи се во состојба во која немаат со што да ја нахранат стоката. Лошото невреме ги оштети и земјоделските култури во Полог, посебно компирите и доматите, но досега ниту општината ниту регионалната единица на Министерство за земјоделство не излезе на терен.
