Партијата на Африм Гаши, Алтернатива е пред носење одлука – дали ќе остане или не во Влада. Ова уследи откако, како што велат од партијата, коалициските партнери не го испочитувале почетниот договор со кој Алтернатива прифатила да стане дел од парламентарното мнозинство. А премиерот Димитар Ковачевски, вели дека вратата за Алтернатива останува отворена, додавајќи дека коалициските партнери сакаат Алтернатива да остане во Влада, но дека политичките партии кои се дел од актуелното мнозинство треба да направат одредени прилагодувања, со цел проширување на мнозинството.
Од Алтернатива велат дека очекуваат официјализирање на новата коалиција.
„Сѐ уште немаме донесено одлука. Партиските органи ќе заседаваат по официјализирање на новата коалиција“, велат од Алтернатива.
Опозицијата честопати обвинуваше дека проширувањето на мнозинството се прави за ДУИ да се спаси поради „огнената група“, но министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека во овие тешки времиња сите треба да бидат обединети.
„Треба да се обратите кај „огнената група“. Колку што знам тие секогаш велат дека работат во рамките на органите на ДУИ, согласно статусот на ДУИ. Околу тоа колку пратеника имаат, треба да ги прашате нив, колку што знам јас во „огнената група“ има само двајца пратеници – г.Меџити и г-ѓа Коџаџику. Најважно е во овие тешки времиња да бидеме обединети, вклучувајќи ги сите политички партии кои веруваат во целосна интеграција на земјата во ЕУ“, додава Крешник Бектеши.
Меѓу другото, премиерот рече дека денеска ќе има седница на Централниот одбор на СДСМ каде ќе биде разгледан Извештајот од досегашните преговори меѓу преговарачките тимови. Вечерва ќе заседава и Централното раководство на партијата на Таравари, а резултатите за можен договор ќе бидат објавени по завршувањето на средбите. Седница за реконструкција на Владата можно е да биде свикана в понеделник доколку денеска или утре премиерот Ковачевски го достави до Собрание предлогот за новиот владин кабинет, рече собранискиот спикер, Талат Џафери.
