Вакцината против корона ќе стане сезонска – во Србија вакцинирани 15.000 наши граѓани, втора доза каде?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Голема е веројатноста вакцината против коронавирусот да стане сезонска. Поради тоа министерот Венко Филипче го посети институтот „Торлак“ во Србија, каде ќе се произведуваат вакцини. Ова е обид навреме да се обезбеди стратешки партнер, кој ќе испорачува доволна количина дози, доколку биде потребно.

„Договоривме дека институтот Торлак ќе биде наш стратешки партнер што се однесува до набавката на вакцини во периодот кој е пред нас. Најверојатно оваа пандемија се уште ќе трае, големи се шансите оваа вакцини да биде сезонска.“, рече Филипче.

Филипче го прошета целиот институт, а праша и за капацитетот на производство. Дали би можеле да се испорачаат потребните количини. Доби уверување дека тоа воопшто не е проблем.

-Филипче: Капацитетот воопшто не е мал.
-Не, не е мал.
-Сосема доволен.
-Околу пет илјади шишенца во еден час.

-Првите дози од Институтот Торлак се очекува да излезат во месец јули. Здравствените власти тука велат дека ќе се произведуваат и до еден милион дози месечно-јавува репортерката на ТВ21 од Белград.

А, проблеми нема ниту со вакцинирањето на македонски граѓани во Србија. Бројката е голема.

„Еве добив официјален податок до сега нешто помалку од 15.000 граѓани на Северна Македонија е вакцинирано во Србија.“, вели министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар.

Но, сега како проблем се наметнува втората доза, каде да се прими, во Србија или Македонија.

„Може да се договориме, бидејќи имаме евидениција на сите тие граѓани, ако е полесно и ако се договориме, тие дози за ревакцинација да ги отстапиме на Северна Македонија и вие да ја организирате ревакцинацијата со тие дози.“, изјави Лончар.

Македонија нема вакцини за да и врати со иста мерка на Србија, но има патарини. Па, така како благодарност пак за донираните вакцини, српските државјани ова лето во Македонија нема да плаќаат патарини.