Вчера за првпат детални проверки на кабареа! ДПИ планирал проверки, ама на терен никогаш не излегол

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот пазарен инспекторат во секој годишен план предвидува проверка на работење на кабаре, ноќни клубови и дискотеки. Во плановите јасно стои дека нема да се проверува само дали угостителот има поднесено пријава, туку и контрола на лиценцата и на минимално техничките услови за вршење на угостителската дејност. Ова било предвидено и според планот за работа и во 2023 година, кога дискотеката „Пулс“ во Кочани имала регуларна лиценца.

Годишен план за работа на ДПИ:

„Последните информации кои што ги имаме, дека токму плановите за работа се дел од истрагата и не би можела тука ништо дополнително да кажам заради да не нарушам некаков тек на истрагата“, вели Митева.

Но, плановите напишани на хартија, се едно, реалноста е друга. Контролата на минимално техничките услови, за да може некој да работи како кабаре, бараат мултисекторски приод и голема стручност од пазарните инспектори. Во Законот за угостителство, стои дека објектот мора да исполни и санитарно здравствени услови, услови за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита, заштита од бучава и согласност од МВР дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.

Закон за вршење на угостителска дејност:

Оваа контрола треба да ја извршат други инспекции и министерства, додека пазарните инспектори меѓу другото би требало да проверат колкава е квадратурата и висината на објектот, колку помошни излези има и колку често се проветрува просторијата.

Но, дури вчера, се врши ваква мултисекторска проверка на легалните дискотеки, ноќни клубови и кабареа.

„И во текот на вчерашниот ден најавив дека овие тимови не се составени само од Државниот пазарен инспекторат, туку се вклучени повеќе надлежни институции кои што се заедно на теран, вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи и градежните работници кои што се искусни во оваа работа, трудовите инспектори, инспекторите од Управата за јавни и приходи, Финансовата полиција е дел од тимовите, сите буквално институции кои што можат да дадат било каков придонес за да бидеме сигурни дека минимално техничките услови мора задолжително да се исполнуваат, сите се на терен.“, рече Митева.

Според информациите, ваква сложена проверка никаде јасно не е законски утврдена, а исто така нема рокови кога пазарниот инспекторат треба да го спроведе годишниот план за контрола на кабареата. Тоа може да биде веднаш на почеток кога се добива лиценцата, но може и на само еден ден пред да истече.

Поради ваквите законски недоречености, во Министерството за економија има работна група кој треба да го смени Законот како во делот на контролата, така и во делот на висината на казните.

Инаку, од вчера направена е контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца, и три од нив не исполнуваат минимум технички услови. За останатите девет се уште е во тек проверката на документацијата. Од владата најавија и дека ќе се чешлаат и објектите кои работеле нелегално.