„Вечер на ножеви“ и „пари во шише“ советници, министерот вели дека Божиновска и Керим се квалитетни личности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Валентина Божиновска и Срѓан Керим ќе го советуваат министерот за надворешни работи, Бујар Османи за надворешни политики. Овие две имиња се најдоа меѓу 26 советници во Стратешкиот совет за надворешна политика кого го претстави министерот Османи. Но каков профил се Божиновска и Керим? Божиновска на јавноста и стана позната со протестите пред Државната изборна комисија во 2016, со нејзиниот заканувачки говор. Два месеци по овие собири, протестите ескалираа со упадот 27 април во Собрание.


Божиновска е позната и по антиалбанските политики.
Срѓан Керим е екс дипломат и екс министер за надворешни работи во владата на Љупчо Георгиевски. Неговото име во јавноста е познато и по многу афери. Најпозната беше со 750 илјади евра во шише. Според информациите, тогаш во неговото службено возило со кое управувал личниот возач на Керим, во пластично шише се најдени 750 илјади евра кеш. Керим негираше одговорност за случајот кој се случил на унгарската граница, за што унгарската власт ја алармираше Управата на Македонија за спречување на перење пари.

Керим воедно од страна на новинарите е посочуван како виновник за затворањето на неколку дневни весници во Македонија, меѓу кои Дневник, Утрински Весник и Вест. Тој беше управник на фирмата Медиа Принт Македонија, која практично ги купи, а потоа згасна овие медиуми.
И покрај ваквата нивна биографија, министерот Османи рече дека избрал квалитетни личности за Советот.


„Станува збор за квалитетни личности, докажани експерти во својата област, добри познавачи со исклучително искуство на актуелностите во дипломатијата, на професорите, академиците па се до претставници на реалниот сектор како што се бизнисмени и економисти“, истакна Бујар Османи, министер за надворешни работи.


26-те члена на Советот се пријавени како експерти од својата област, а нивниот ангажман ќе биде доброволен. За формирањето на овој совет нема да има трошоци од буџетот. Ова тело е трајно а членовите може да се менуваат.