Внимание ако одите на Мавровско Езеро: До 7 септември забранети риболовот и пловидбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Посетителите и спортските риболовци кои планираат престој на Мавровското Езеро во наредните денови ќе мора да ги почитуваат новите ограничувања. Поради одржувањето на Светското првенство во риболов, привремено се забранети риболовот и употребата на пловни средства.

Од Јавното претпријатие Национален парк „Маврово“ информираат дека забраната стапува во сила на 26 август и ќе трае до 7 септември 2026 година, односно до целосното завршување на првенството.

Ограничувањето се однесува на спортскиот, рекреативниот и секој друг вид риболов во езерото. Дополнително, во истиот период е забранета, односно соодветно ограничена, и пловидбата со сите видови пловни возила.

Од Националниот парк појаснуваат дека мерките се воведени со цел да се обезбеди заштита на рибите кои биле специјално пуштени во езерото за потребите на натпреварувањето.

Светското првенство претставува официјален настан од највисок ранг во рамките на FIPSed, поради што е потребно да се обезбедат посебни услови за негово непречено и безбедно одржување.

Од забраната се изземени пловилата на полицијата, службите за спасување и другите надлежни институции, но само кога нивната употреба е неопходна за безбедноста и организацијата на првенството.

Националниот парк „Маврово“ ги повикува спортските риболовци и сите останати корисници на езерото да ги почитуваат ограничувањата во наведениот период и да не преземаат активности спротивни на утврдените мерки.

Забраната ќе биде во сила до 7 септември, по што се очекува повторно воспоставување на редовниот режим на користење на езерото.